Џек Ма: Ако сакате високо платена работа во иднина, еве што да учите!

ИЗВОРСкопје24
|

Џек Ма, основач на кинескиот џин за е-трговија “Алибаба“, гледа сериозна промена на хоризонтот. Според него, во следните 30 години, вештачката интелигенција ќе го надмине човечкото знаење, што ќе доведе до исчезнување на одредени работни места.

Новиот бран доаѓа. Дел од работните места ќе заминат во историјата. Некои луѓе кои ќе се адаптираат на новиот бран, ќе бидат побогати и поуспешни, вели Ма.

Но, за оние што ќе заостанат, вели Ма, иднината ќе биде “болна“.

Во сржта на новата технолошка доба, смета Ма, се наоѓаат податоците. Според неговите проекции за идниот пазар на труд, вештините поврзани со податоците и нивната анализа ќе станат исклучително ценети.

Целиот свет ќе биде податоци. Мислам дека ова што се случува денес е само почеток на ерата на податоци, вели Ма.

“Алибаба“ располага со неверојатен обем на податоци за своите корисници, а голем дел од нив ја посетуваат нивната веб страна неколку пати на ден. Оваа информација, објаснува Ма, ни открива како ќе функционира светот во следните децении.

Ние сметаме дека податоците ќе бидат многу важни за човечкиот живот во иднина. вели тој.

Ма не е единствениот бизнис лидер кој ја нагласува важноста на аналитичките вештини
Извршниот директор на “Тесла“ и “Спејс Екс“, Елон Маск, откри дека работи на проект за поврзување на човечкиот мозок со компјутер, со што би се подобрила “неверојатно ниската“ брзина на обработка на податоци на човечкиот мозок.

Футуристот и коосновачот на “Мајкрософт“, Бил Гејтс, вели дека способноста за користење на информациите ќе го трансформира глобалното здравство и ќе спречи ширење на голем број болести.

Ерик Шмит, извршен директор на “Алфабет“, матичната компанија на “Гугл“, и Џонатан Розенберг, советник на извршниот директор Лери Пејџ, се согласуваат дека анализата на податоци е врвна вештина за која младите професионалци треба да научат повеќе.

“Со поимот анализа на податоци“, вели Шмит, “мислам на основно познавање за тоа како функционира статистиката и основно познавање за тоа како се носат заклучоци врз база на голем обем на податоци (big data).

Шмит заклучува дека основното разбирање на анализата на податоци е најверојатно најважната вештина за следната генерација на млади луѓе бидејќи тоа е светот кон кој се движиме.