Ѕвездата на Foo Fighters и Nirvana го губи слухот: Читам од усни веќе 20 години

ИЗВОРНов Лист
|

Фронтменот на Foo Fighters Дејв Грол во едно неодамнешно интервју откри дека го губи слухот и се потпира на читање од усни во последните 20 години.

Грол беше гостин во шоуто на Хауард Стерн, каде што рече дека е „глув“ и дека не би сакал да настапува со слушалки за во уво поради здравствените проблеми.

„Долго време не сум бил на преглед, знам што ќе ми каже докторот – имаш тинитус на левото уво“, рекол музичарот и додал дека изминативе 20 години се потпирал на читање од усни.

„Да седеше до мене овде на вечера, немаше да разберам ниту еден ебен збор што ми го кажа.  Во преполн ресторан е уште полошо. Најлошото нешто се луѓе со маски.

Сепак, мултиинструменталистот  објаснува дека тинитусот не му пречи кога снима песни во студио. Тинитусот е симптом што човекот го доживува како звуци во форма на бучава или зуење во едното или двете уши, без присуство на иритирачки звук во околината.

„Ушите ми се сè уште прилагодени на одредени фреквенции и ако слушнам нешто што е малку неусогласено, или кимвал што не е доволно светло или нешто слично, можам да ги слушнам малите нешта во песната, навистина можам“, изјави тој.

Тој додаде дека не сака да носи слушалки за во уво на сцената бидејќи верува дека тоа го „одвојува од звукот на природната атмосфера“. Грол не е првиот рок музичар кој открил дека има проблеми со слухот. Пред него за слични проблеми зборуваа Пит Тауншенд, Нил Јанг и Ерик Клептон.