Европската радиодифузна унија (ЕБУ) ги поништи гласовите на жирито на земјите како Азербејџан, Грузија, Полска, Романија, Сан Марино и Црна Гора во втората полуфинална вечер во Торино, бидејќи било утврдено дека гласале надвор од правилата на овој натпревар, пренесува „РТС“.
Во објаснувањето на ЕБУ, на официјалниот сајт на Евровизија се наведува дека членовите на жирито на овие 6 земји меѓусебно се ставале на врвот на листата за гласање, изземајќи ја сопствената земја, додека членовите на жиријата на другите држави ги рангирале песните на овие 6 учесници под 8-то место.
Таквиот начин на гласање, според мислењето на ЕБУ, не е во согласност со образецот на гласање утврден од партнерот кој го следи гласањето, што го потврдило независното тело за следење на гласовите.
Несогласувањата со шемата на гласање се рефлектира во фактот што 5 од 6-те земји беа рангирани под 8-то место меѓу членовите на жирито на останатите земји кои се натпреваруваа во втората полуфинална вечер на Евровизија, како и кај жирито на Германија, Британија и Шпанија кои гласаа истата вечер.
Четири земји дури беа рангирани и помеѓу последните 6, а ЕБУ оценува дека таквата количина на нерегуларности е без преседан.
Поради тоа, ЕБУ одлучи да го искористи правото да ги отстрани гласовите на жирито на овие 6 земји и да ги замени со автоматски пресметан резултат од гласањето, со цел да се утврди конечниот резултат во втората полуфинална вечер, пренесува „Блиц“.
Ниту во финалето на натпреварот не беа искористени гласовите на жирито на 6-те земји, за да се зачува интегритетот на системот на гласање на Евровизија. Одлуките беа одобрени од претседателот на референтната група за песна на Евровизија и заменик-генералниот директор на ЕБУ, во согласност со правилата на гласање на натпреварот, стои во официјалното соопштение на страницата.