Познатиот британски пејач Ед Ширан доби над еден милион евра отштета, откако го доби судскиот спор за авторски права за неговиот мегахит „Shape of You“.
Ширан и неговите соработници, Џон Мекдејд од групата Snow Patrol и продуцентот Стивен Мекохон, ги тужеше британскиот музичар Сами Чокри.
Случајот е покренат поради прекршување на авторските права, наведувајќи дека Ширан „украл“ дел од неговата песна „Oh Why“, објавена во 2015 година.
Иако по пресудата адвокатите на Чокри тврдеа дека Ширан и неговиот тим сами треба да си ги платат правните трошоци, во вчерашната пресуда судијата Ентони Закароли одлучи дека тоа сепак ќе го направат тужителите, наредувајќи привремена исплата на отштета од над еден милион евра.
Се очекува натамошна дискусија на која ќе се проценат и финализираат сумите, јавуваат странските медиуми.
Адвокатот на Ширан претходно изјавил дека целиот случај нанел длабока траума кај пејачот и неговите соработници.
И покрај тоа што речиси 10 отсто од плаќањата беа замрзнати поради судењето, песната „Shape of You“ на Ширан и неговите партнери им донесе околу 5 милиони фунти годишно, што е близу 6 милиони евра.