Eден од исчезнатите патници на траектот, што се запали во близина на Грција е пронајден

|

По два дена од избувнувањето на пожарот, по над 50 часа поминати во гаражата на траектот, утрово беше пронајден  и спасен еден од 12-те исчезнати патници од бродот „Euroferry Olympia“ , а паралелно продолжува потрагата по останати патници.

Според грчките медиуми станува збор за 21-годишен државјанин на Белорусија, возач на камион, кој сам успеал од гаражата да стигне до палубата, од каде што беше преземен од спасувачките екипи.

Според Би-Би-Си, мажот бил забележан во предниот дел на бродот и стапил во контакт со спасувачите, изјавил службеникот на бродот.

„Еурофери Олимпија“ под италијанско знаме се запали на пат кон италијанското пристаниште Бриндизи.

Пожарникарите се бореа со пожарот што го зафати бродот. Се верува дека се исчезнати сите возачи на камиони од Бугарија, Грција, Турција и Литванија, соопштија претходно грчките власти.