Едно лице го загуби животот, а уште едно се води за исчезнато во поплавите во грчкиот град Волос предизвикани од невремето “Даниел“ што го зафати централниот дел на земјата,
Според локалните медиуми, загинатото лице е сточар на околу 70-годишна возраст, кој го загубил животот откако, поради лизгање на земјиштето, врз него паднал ѕид додека се обидувал да стигне до местото каде ги чувал овците.
Станува збор за прва жртва од невремето „Даниел“ што од вчера попладне ја зафати Грција и предизвика поплави од кои засега најпогоден е градот Волос, каде голем дел од улиците се поплавени, а во прекин е и железничката линија што го поврзува градот со Лариса.
Портпаролот на противпожарната служба на Грција рече дека постојат информации за уште едно лице кое исчезнало со автомобилот и по кое сè уште се трага.
Од силното невреме поплавена е и болницата во градот, а поради поплавите во Волос, преку унифицираниот број за итни случаи 112, до жителите беше испратена порака дека со одлука на полицијата е забранет сообраќајот во поширокиот дел на градот.
Освен во Волос поплави и проблеми предизвикани од невремето има и во градот Ламиа, исто така во централна Грција, како и на островите Крф и Скијатос.
Невремето „Даниел“ во Грција донесе обвилни врнежи од дожд, проследени со силни електрични празнења, засилен ветер и забележителен пад на температурите.
Невремето се очекува да трае до утре, а прогнозите се дека и во текот на денешниот ден обилни врнежи од дожд ќе има во северна и централна Грција, во делови на Пелопонез и на островите во Јонското море.
Министерот за цивилна заштита и климатѕски кризи на Грција, Василис Какиљс изјави дека станува збор за екстремен природен феномен, истакнувајќи дека внимателност е потреба и од властите и од граѓаните.