На македонската јавност ѝ претстои возбудлив викенд. Во центар на вниманието е можноста ракометниот шампион Вардар да ја одбрани титулата во Лигата на шампиони, додека музичките фанови со нетрпение го очекуваат концертот на Стинг.
Ако Вардар игра финале од 18 часот во недела, постоеше загриженост дека фановите кои сакаат да го слушаат и Стинг нема да можат да стигнат навреме во арената „Тодор Проески“.
Организаторот на концертот на Стинг, „Авалон Продукција“, најде најсоодветно решение на потенцијалниот проблем:
„Драги пријатели,
Со огромно задоволство Ве информираме дека менаџментот на STING покажа огромно разбирање на нашето барање, со желба да го споиме убавото со корисното.
Имено, бидејќи постои шанса ракометниот клуб Вардар да игра во финалето на Final Four во недела со почеток од 18 часот, првиот настап вечерта на Влатко Стефановски трио ќе почне во 20:30 часот, додека Sting ќе го видиме на големата сцена во 22:00 часот.
На ваков начин сите оние коишто дури и од дома би го гледале ракометниот пренос, би можеле да стигнат навреме и на концерт.
Официјална саатница за во недела:
Отворање врати: 17:45 часот
Влатко Стефановски трио: 20:30 – 21:30 часот
STING: 22:00- 00:00 часот
Се гледаме во недела на Градски!“, гласи официјалното соопштение од „Авалон Продукција“.