Општина Центар утре го објавува Јавниот повик со кој го започнува проектот „Цел Центар на точак“, за субвенционирање на 30 отсто од цената за купување нов велосипед, електричен велосипед и електричен тротинет.
Од утре, среда, 4.05.2022 година, секој полнолетен жител на Општина Центар што ќе купи велосипед, е-велосипед или е-тротинет ќе добие субвенција, но најмногу до 3.000 денари за која е потребно да достави пополнето барање за субвенционирање, копија од лична карта и трансакциска сметка, како и фискална сметка со сметкопотврда или фактура за купен велосипед, е-велосипед или е-тротинет.
Барањата со комплетна документација потребно е да се доставуваат во архивата на Општина Центар, барака бр.6, почнувајќи од 4 мај. По доставувањето на документите, подносителите ќе бидат известени за редниот број на поднесокот и субвенционирањето.
Општина Центар напоменува дека правото на субвенција е еднократно.
За сите дополнителни информации во врска со субвенционирањето, граѓаните можат да се обратат на телефонскиот број: 3203-600.