Од компанијата за производство на електрична енергија ЕСМ повикаа на штедење на струјата. Преку соопштение до медиумите, апелираат граѓаните и фирмите да дадат максимален придонес за намалување на потрошувачката на струја во државата, со свој личен влог.
АД ЕСМ ќе ги вложи сите напори да ја произведе целата електрична енергија која е потребна за граѓаните до крајот на грејната сезона и истата да ја има во доволни количини, но граѓаните треба да знаат дека секој киловатчас кој ќе го заштедат, ќе значи помалку трошење на јаглен, мазут и гас за неговото производство. Тоа значи заштеда на големи средства од државниот буџет, средства кои се на сите нас, бидејќи цените за набавка на енергенсите се енормно зголемени, се вели во дел од соопштението.
Додаваат дека со почетокот на глобалната енергетска криза, цената на мазутот е зголемена за речиси 100%, на јагленот за над 200%, а на гасот за 700%. Цената за набавена електрична енергија е покачена за 1000%. Ваквите цени, во услови на криза, државата и граѓаните тешко ќе можат да ги поднесат, ако не се придржуваат кон мерките за штедење.
Доколку се придржуваме на мерките, енергијата која ќе се заштеди, АД ЕСМ ќе може да ја пренасочи кон стопанството, посебно кон големите фирми и институциите, кои купуваат струја на слободниот пазар по енормно високи цени, и на тој начин ќе можеме да им понудиме одредена количина по пониски цени, со што ќе се намалат нивните трошоци за работа, порачуваат од ЕСМ.