Естрадата на купче кај македонскиот менаџер: Од Чолиќ до Вучиќ кај Кико на свадба

ИЗВОРСкопје24
|

Вчеравечер, 16 јуни 2019 во еден од елитните скопски хотели се случи и најавената свадба, на која на едно место се собраа најпознатите и најпопуларни, македонски естрадни фаци.

Очекувано зашто младоженец беше естрадниот менаџер Кристијан Стефановски – Кико, кој со својата девојка, сега веќе сопруга, Ана Стојковска стапи во брак.

Чаршијата наголемо шпекулираше дека ова ќе биде свадбата на деценијата на која ќе дојдат и запеат и Цеца и Лепа Брена и Аца Лукас, Саша Ковачевиќ, Жељко Јоксимовиќ… кои сепак не се појавија.

Но затоа пак тука беше голем дел од македонската естрада меѓу кои предничеа имињата на Драган Вучиќ, кој добро се дружеше и со своите естрадни колеги и пријатели од соседството, а и со „жадињата“ на сцената.

Тука беа и Виолета Томовска, Благоја Грујовски, Кристина Арнаудова со сопругот Александар, Роберт Саздов од „Куку леле“, Лозано, Слаткаристика, Јован Јованов кој за оваа прилика за да го испочитува својот некогашен менаџер, специјално допатува дури од Канада.

Елвир Мекиќ исто така дојде од Сараево со сопругата Лејла, а Јоце Панов не пропушти да ги дружи големите ѕвезди пред, за и по свадбата.

Кога сме веќе кај најавуваните мегаѕвезди, од нив се појавија Здравко Чолиќ кој ионака веќе беше во Скопје заради својот голем солистички концерт, Жељко Самарџиќ и Владо Георгиев.

Тие двајца специјално допатуваа од Белград, да бидат гости, но и да ги забавуваат гостите со неколку од своите добро познати хитови.

Пееја и претходно споменатите, а сите нив ги придружуваше скопскиот „Балкан бенд“. Главна беше се разбира, кој(а) друг(а), ако не – невестата со своето раскошно деколте, која не само што се забавуваше, туку ја користеше и секоја можност со селфи да ги овековечи најважните моменти во својот досегашен живот!

Меѓу гостите имаше исто така и други повеќе или помалку познати скопски фаци, воглавном млади луѓе, а естрадно – новинарска фела ја предводеше екипата на најгледаниот естраден ТВ магазин „Бекстејџ“.

Водителот Миро Кацаров ја делеше дружбата со познатите ѕвезди…

…A, Александар Блажевски дури и го зеде микрофонот и заедно со популарната Васка ја запеаја „Ѓурѓевдан“.

Менаџерската легенда на некогашна Југославија, единствениот Велибор Џаровски – Џаро, заедно со својата ќерка новинарката Милица Џаровска ја надополни „ол стар“ екипата на јавни и познати лица.

Се на се’ свадбената веселба на музичкиот менаџер и неговата избраничка наликувала на една голема журка на која сите добро се забавувале, дружеле и фотографирале… Нешто како приватен концерт со повеќе ѕвезди од затворен тип! Како и да е, нека е со среќа!

Вистина.мк