На почетокот на месецов Грција укина голем дел од рестрикциите, а единствената мерка што сè уште е во сила е маската во затворени простори, јави дописничката на МИА од Атина.
За патување во Грција повеќе не е потребен ниту сертификат, ниту негативен резултат од направен тест, додека пак веќе два месеци е укинат и ПЛФ – формуларот. Истото важи и за внатрешноста на земјата, односно за влез во затворените објекти не е потребен документ, како што беше пракса претходно.
Единствената мерка што е актуелна кај јужниот сосед, а важи како за Грците, така и за туристите е задолжителната маска во затворените простори, како што се превозните средства, продавниците, супермаркетите, болниците и слично.
Казната за непочитување на мерката, односно неносење маска во внатрешните објекти е 300 евра.
Од 1 јуни, како што веќе соопшти министерот за здравство, ќе биде укината и оваа мерка, со што летото во Грција ќе биде целосно слободно и без никакви ограничувања.
Маската ќе остане задолжителна само во болниците, домовите за стари лица и јавниот градски сообраќај, а ќе се укине и за авионите и за превозните средства со нумерирани седишта, како што се возовите и меѓуградските автобуси.
За употребата на маската во образовните институции и во бродскиот сообраќај, Комисијата на епидемиолози ќе одржи нов состанок следнава седмица.
-Укинувањето на задолжителната употреба на маска значи дека нема да се изрекува административната казна, но сепак останува охрабрувањето и препораката, дека ќе треба да се користи маската во сите простори, особено за населението кое припаѓа на ранливите категории, рече во средата министерот за здравство на Грција Танос Плеврис.
Сепак, укинувањето на мерките во Грција е привремено, бидејќи на есен, од септември, во зависност од текот на пан*емијата, не е исклучена можноста одново да се воведат претходните рестрикции што се однесуваат на сертификатите и маските.