Според статистички податоци, околу 80% од луѓето имаат малку депресивно расположение кога ќе се вратат од одмор. Психологот и психотерапевт Миа Попиќ објаснува која е тајната на оние 20% кои се враќаат среќни од годишен одмор.
Според неа, во игра се неколку психолошки фактори. Важно е како гледаме на нашата животна ситуација (што напуштаме и на што се враќаме), но и како гледаме на нашата работа (доколку не ја сакате, нормално е дека не сакате да се вратите, но и доколку премногу ја сакате и имате големи очекувања, враќањето може да биде фрустрирачко искуство).
На крајот, тука е и начинот на кој гледате на одморот, како и дали одите на одмор за да се поврзете со себеси или да побегнете од себеси. Според податоците на Попиќ, оние 20% од луѓето што се враќаат среќни од одмор се оние кои навистина успеале да одморат, за разлика од оние кои премногу се исцрпуваат на одмор поради премногу активности или работа.
Таа открива дека депресивното расположение после одморот е слично како и депресивното расположение по големита празници како Нова година или Божиќ. Станува збор за истите летаргија, умор и недостаток на волја кои понекогаш прават да се запрашаме што навистина сакаме од животот. Сето ова може да предизвика и мала егзистенцијална криза, нагласува Попиќ.
Како да ја одбегнете депресијата после одморот
Попиќ вели дека на одмор сите треба да си дозволат да уживаат во моментот, да имаат разни искуства, да се поврзат со луѓето, но и навистина да се одморат.
Според неа, луѓето најчесто очекуваат на одморот да се ослободат од стресот кој го собираат цела година, но тие очекувања ги спречуваат вистински да одморат. Попиќ советува воведување пракса за медитација или слична активност со која ќе се одлободувате од стресот во текот на целата година, наместо да го чекате одморот за тоа.
Кога станува збор за идеалниот период за одмор, Попиќ вели дека од нејзино искуство, луѓето не може навистина да се одморат за помалку од две недели. Кратките одмори и викенд патувања според неа може да дадат добри резултати доколку се практикуваат почесто.