Безусловен почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија, препорача европската комисија во годишниот извештај, кој е денес објавен. Како што јави државната новинска агенција МИА, Комисијата препорачува Советот сега да почне преговори со Северна Македонија за да се поддржи реформскиот процес.
Во заклучоците на Европската комисија стои дека е потребна примена на засилен пристап за преговарачките поглавја во делот на судството и темелните права, правдата, слободата и безбедноста во земјата.
Еврокомесарот за проширување на ЕУ Јоханес Хан во воведниот говор пред Европскиот парламент рече дека и двете земји имаат значаен напредок во реформските задачи, кои лани им ги постави Советот на ЕУ.
„Северна Македонија продолжи да ја исполнува реформската агенда и постигна историски договор со Грција. Тоа е пример како да се зацврстат билатералните односи и е сјаен пример и сведоштво за моќта и привлечноста на ЕУ. Сега е време Европската унија да ги исполни своите ветувања, кога земјите кандидатки ги исполнуваат своите“, рече Хан.
Европратеничката Кети Пири, во име на социјалдемократите кажа дека нејзиното политичко семејство очекува да не се прават пакети меѓу земјите.
„Мојата група очекува дека одлуката во јуни ќе биде позитивна и за двете земји, претпочитаме тоа да не биде пакет, туку процес базиран на заслуги, но сега нема причина за одлагање“, рече Пири.
Во извештајот на Европската комисија стои дека земјата бележи напредок во сите области, особено во клучните реформи поставени лани од Советот и дека одржува стабилен чекор во реформите.
Извор: sdk.mk