Адвокатот Иван Лотески, кој е познат како фаќач на светиот крст за време на Богојавление, е нов шеф на кабинетот на охридскиот градоначалник Константин Георгиески, објави Сакам да кажам.
Тој доаѓа на местото на Илија Пиперкоски, досегашниот шеф на кабинетот на градоначалникот, задолжен за односи со јавноста.
Пиперкоски на ова функција беше назначен во времето на покојниот градоначалник Јован Стојаноски и во негово време се случи Стојаноски да чита поздравен говор на значаен собир, кој веќе го читал неговиот претходник Никола Бакрачески. Неговиот гаф беше објавен и во светските медиуми, пред сѐ „Би-Би-Си“.
Инаку, Иван Лотески од охридската населба Варош, оваа година втор пат по ред го фати Светиот крст што во осветените води на Охридското Езеро го фрли митрополитот Дебарско-кичевски, владиката Тимотеј.
„Ова ми е втор пат како го фаќам крстот. Немав големи очекувања, но ете стигнав до крстот и успеав да го фатам. Сите охриѓани да го прославиме празникот и на сите да ни донесе здравје, љубов и среќа“, рече во таа прилика Лотески и додаде дека минатата година му била многу успеша, па се надева и оваа да биде таква. За сега добро му оди!