Доколку сте љубител на вкусните чоколадни топчиња Фереро Роше, убедени сме дека ќе ви се допадне овој рецепт. Оваа торта се подготвува многу брзо и лесно, но најдоброто од сè е што не е потребно печење.
Потребни состојки за бисквитот: 200 g печени лешници; 4 лажици кокосово масло; 4 лажици јаворов сируп; 1 лажичка ванилин шеќер; 80 g какао во прав и прстофат сол.
Како да го подготвите бисквитот: Лешниците се печат на 150 степени околу 15 минути, а потоа излупете ги. Префрлете ги во блендер, а потоа додадете ванилин шеќер, јаворов сируп и кокосово масло и продолжете со блендирање. Додадете го и какаото и продолжете со мешање додека не се формира леплива смеса. Смесата префрлете ја во кружен калап од 25 cm и добро распоредете ја со благо притискање.
Потребни состојки за кремот: 200 g индиски оревиа; ½ шолја вода; 4 лажици кокосово масло; ½ лажичка екстракт од ванила; 3 лажици јаворов сируп; 50 g какао во прав и прстофат сол.
Како да го подготвите кремот: Индиските оревчиња оставете ги преку ноќ да отстојат во вода со прстофат сол. Следниот ден убаво прецедете ги, ставете ги во блендер заедно со водата, јаворовиот сируп, солта и ванилата. Потоа додадете кокосово масло и какао и блендирајте додека не добиете мазна смеса. Истурете го кремот врз подготвениот бисквит.