Иако повеќе медиуми вчера објавија дека Ферус Мустафов починал, сепак тоа е дезинформација, а вистината е дека е хоспитализиран во болницата „8. Септември“ во Скопје и се бори за живот.
Ова синоќа на „Фејсбук“ го соопшти неговиот внук Ферчо Мустафов кој денеска открива нови детали за здравјето на легендарниот македонски кларинетист и саксофонист.
„Се’ беше во ред со дедо ми, се’ беше супер, си функционираше како што треба. За сите нас ова е голем шок. Тој доживеа мозочен удар и веќе три дена е кома. Она кое сакам да го потенцирам е дека дедо ми примаше терапија, таа му беше препишана како доживотна, но не знаеме зошто еден лекар му ја тргна. Откако прекина со таа терапија, еве се случи ова, мозочниот удар. Неочекувано за сите нас, секако и за неговите обожаватели, бидејќи до пред некој ден го гледаа како без проблем си извршува секојдневни обврски“, раскажува внукот за „Фокус“.
Пред два месеца Ферус гостуваше во популарниот подкаст на јутјуберот Стефан Лазаров и зборувајќи за маестро Милан Завков кој ненадејно почина во февруари емоциите до толку го совладаа што се расплака среде интервју.
„Едниствен човек кој беше и музичар и човек. Не се раѓа таков. Милан со мене 15 години беше по турнеи, сите проекти заедно ги снимивме“, раскажа Мустафов во шоуто на Лазаров.