ФФМ повикува, сите на плоштад со забава да се прослави триумфот!
На барање на играчите, пред сè од капитенот Стефан Ристовски, вечерва ќе има голема забава.
Македонската фудбалска репрезентација попладнево ќе се врати од Палермо после историската победа против европскиот првак Италија и пласманот во финалето во мундијалскиот бараж, па после слетувањето на аеродромот Петровец, фудбалските херои ќе се упатат кон плоштадот „Македонија“.
Македонската репрезентација треба да слета во Скопје во некаде меѓу 17:30 и 18:00, а еден час потоа е закажано доаѓањето на фудбалерите и стручниот штаб на плоштадот „Македонија“, веројатно околу 18.30 часот, информираа од ФФМ.
Фудбалската федерација на Македонија пренесоа дека постои желба кај играчите за голема средба и прослава со навивачите на централниот градски плоштад во Скопје вечерва.
Синоќа веднаш по чудесната победа илјадници навивачи излегоа на улиците ширум земјава за да ја прослават победата, а за вечерва се најавува уште помасовна дружба и тоа со главните актери од Палермо.
Времето за подготовки на следниот мега дуел со Португалија е кратко, се очекува веќе в недела да се отпатува за Порто и таму да се одработат последните финеси пред средбата со Роналдо и другарите во гротлото на „Драгао“ пред 50.000 гледачи.