Филипче: Можен полициски час за продолжениот викенд

|

На денешната прес конференција министерот за здравство Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање дали би следел полициски час или поинакви засилени мерки за претстојниот празник Задушница со оглед на тоа што ќе биде продолжен викенд кажа дека сите опции стојат отворени. Поради празникот многу од луѓето ќе сакаат да ги посетат вечните домови на најблиските па се отвора можноста за засилени мерки, но за тоа ќе се одлучува деновиве.

Тој исто така напомена дека нема неконтролирано ширење на болеста, 70 проценти од случаите се од веќе познати кластери, истакна министерот Венко Филипче на денешната прес-конференција. Според последните анализи иако бројката на новозаболени деновиве значително се зголеми, поголемиот дел од пациентите се со лесна слика или воопшто без никакви симптоми, па не се јавуваат ниту во болниците. Поради тоа сеуште не е донесена одлука за заострување на мерките во општините со најмногу заболени.

„70 посто се од познати кластери од Чаир и Сарај, во Штип новите случаи се поврзани со заболени во неколку конфекции, и поради тоа ќе се затворат 5 конфекции до понеделник, при што ќе се истестриаат 600 вработени“, истакна Филипче.

Повеќето членови на Комисијата за заразни болести на денешната седница не биле за воведување на поригорозни мерки, но ситуацијата ќе се следи во наредниве 2-3 дена и според бројките понатаму ќе се разговара за воведување на карантински мерки во одредени општини и населени места како и воведување на полициски час во нив.

Исто така до крајот на неделата ќе се зборува и за наредната фаза на олабавување на мерките кои се однесуваат на туризмот и отворањето на границите, како и за тоа кога би било возможно тие да се применуваат. Се зависи од ситуацијата и бројките во наредниве денови, додаде Филипче.