Во вечерашното интервју на телевизија Телма, министерот за здравство Венко Филипче, рече дека многу е важно порастот на заболени пациентите да биде линеарен.
-Во фаза сме кога секојдневно имаме сличен број на дијагностицирани. Линеарниот пораст е нешто што секоја земја сака да го постигне. Тоа значи да не се случи болничките установи да не можат тоа да го издржат. Такво сценарио се случи во северна Италија. Тоа беше сериозно претоварување на болниците со пациенти кои се за на интензивна нега, рече Филипче.
Точно знаеме, рече Филипче, дека од 18 здравствени работници кои се заболени во Куманово има стотина кои се во самоизолација, кај добар дел веќе е поминат перидот на инкубација.
-Точно знаеме дека во Куманово од 18 заболени има 100 луѓе кои се во самоизолација. Кај еден здравствен работник, кој што беше во контакт само еднаш за време на реанимацијата на пациентката која го изгуби животот, за помалку од 48 часа е детектирана болеста, што е многу кратко време за тој да стигне до секретите на еден човек, а тоа значи дека вирусот бил присутен многу порано- рече Филипче.
Министерот Венко Филипче рече дека годинава бројот на лица кои имале сезонски грип се зголемил за 80-90 проценти, а може да се испита дали некои од нив го имале ова ново заболување.
„Ги анамизиравме бројките на сезонски грип, во просек се 20.000, оваа година се 37.000, скоро 80 или 90 проценти повеќе заболени. Материјалите се анализирале во присуство на други ви*уси предизвикувачи на сезонскиот грип и тие може дополнително да се тестираат да се види дали некој од тие пациенти бил заболен од ова ново заболување“, рече министерот Венко Филипче додавајќи дека сепак, во моментов здравствените власти се насочени кон детекција на нови случаи.
Тој зборуваше и за состојбите со пациентите кои се хоспитализирани, пред сè, оние кои се на респиратори. Во таа насока посочи дека новите студии од странство покажуваат дека дури и до 90 проценти од оние кои се ставени на апарати за дишење за жал не завршуваат добро.