Мали се шансите сите што вчера присуствувале на седницата на Кризниот штаб во Куманово да се заразиле со оваа нова болест, откако се потврди дека градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски е позитивен на тестирањето, тврди министерот за здравство Венко Филипче.
Тој вечерва во живо се вклучи од дома, преку видео-врска за да ја одржи редовната прес-конференција и рече дека деновиве ќе работи од дома.
-По анкетата спроведена од епидемиолозите констатиравме дека мали се шансите да се заразиме, сите кои присуствувавме вчера во Куманово, со оглед на тоа што носевме заштитни маски и ракавици, но овие денови ќе работам од дома – рече Филипче.
Тој вели дека не знаеле дека на дел од членовите на Кризниот штаб во Куманово им биле земени брисеви, да знаеле поинаку ќе се однесувале.
На прашање на новинарите дали ќе биде тестиран тој и колегите новинари кои биле присутни на состанокот на кризниот штаб, Филипче рече дека засега нема потреба за тестирање затоа што временскиот период е краток. За колегите новинари тој рече дека се зависи од заштитата која ја носеле и растојанието кое се држело за време на настанот.