Филипче: Тестовите за коронавирус во „Жан Митрев“ се плаќаат – ова е цената

|

Пациентите кои закажуваат тестирање за коронавирус на Клиниката „Жан Митрев“, тестот го плаќаат, рече министерот за здравство Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање. На почетокот на минатата недела тој извести дека ги обединиле капацитетите за тестирање со Клиниката „Жан Митрев“ поради зголемената потреба за тестирање.

„Тестовите се уште се плаќаат. Денес ќе заврши анализата, проверката, состаноците со сите лаборатории кои покажаа интерес и кои кажаа дека ги исполнуваат условите. Кога ќе заврши увидот од нашата лабораторија, ќе се достави соодветен предлог до Фондот, со цел да се зголеми капацитетот на тестирање“, рече министерот Филипче.

Тестирањата сега се вршат во лабораторијата на Институтот за јавно здравје, а министерот минатата недела извести дека и лабораторијата на Ветеринарниот институт ги исполнувала условите и имала соодветна опрема за тестирањата за коронавирус.

Покрај Клиниката „Жан Митрев“, за тестирањата министерот вели дека добиле понуди од уште неколку приватници и најави дека Фондот ќе склучи договори со сите кои ги исполнуваат условите.

За тестирањето за коронавирус во „Жан Митрев“ тестираните пациенти велат дека платиле по 1500 денари. Министерот Филипче најави дека Фондот за здравство ќе склучи договори и со болници кои имаат легла за интензивна нега, а ќе се користат само во случај ако државните капацитети се пополнат.