Казната за ваквото возење по автопатот Скопје-Тетово, возач на Ауди ќе го чини 400-тини евра. Толква е глобата за прекршокот кој го направил синоќа кога е фатен со ноќниот радар на сообраќајната полиција. Возел 241 км/час или двојно повеќе од максимално дозволената брзина од 120 км/час.
Инцидентот се случил на автопатот Скопје-Тетово пред самиот влез во градот под Шар Планина. Покрај паричната глоба за ваквите прекршоци следува и мандатна казна (заштитна мерка) од 3 до 12 месеци одземање на возачката дозвола.
Во западно-европските земји, санкциите за вакви дрски и опасни прекршоци во сообраќајот се многу поригорозни, некаде се одземаат дозволи доживотно и возачот се праќа на психолошка контрола, некаде се забранува возење по 10 години или пак возачот се праќа на повторно полагање на тестовите за дозвола.
Во контролата со ноќниот радар според МВР, од 22.00 часот на 11.06.2022 од 02.00 часот на 12.06.2022 вкупно се изречени 96 мерки (ТЕ-66 и ГВ-30). Од нив 41 мерка (ТЕ-23 и ГВ-18) се однесувале на пречекорување на максимално дозволената брзина надвор од населено место. Меѓу нив, 6 возачи (ТЕ-4 и ГВ-2) ја пречекориле брзината за повеќе од 70 километри на час над дозоленото.
Во контролата биле откриени и санкционирани и 55 пречекорувања на пропишаната брзина (ТЕ-43, ГВ-12) во населено место, а санкционирани, исто така, биле и 12 други видови сообраќајни прекршоци (ТЕ-10 и ГВ-2).