Заврши осмото издание на фестивалот за развој и промоција на креативните индустрии ”Скопје Креатива 2019”, што оваа година се одбележа под мотото “Зелено Скопје“ симболизирајќи свест за грижа за животната средина како култура на живеење.
Богатата фестивалската програма се реализира во периодот од 31 мај до 2 јуни, во Кино Култура, Младинскиот културен центар и на неколку јавни отворени простори, а во нејзината реализација директно учество земаа повеќе од 120 учесници: професионалци од полето на културата, науката и технологијата, уметници, културни работници, архитекти, дизајнери, музички автори и изведувачи, стрип цртачи, иноватори, активисти, универзитетски професори, студенти, ученици од основни и средни училишта, деца од претшколска возврат… и бројна публика.
Програмата опфати образовни, продукциски и презентациски содржини од широката сфера на креативните индустрии привлечни за луѓе од различна возраст и културни заедници, а беа организирани повеќе настани кои понудија креативни решенија за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Оттаму термините како јавен
простор, начини на комуникација, зачувување на природата, рационализација на ресурсите, рециклирање… беа дел од темите и прашањата на кои одговори програмскиот концепт на „Скопје Креатива 2019”.
Оваа година, за прв пат, организатор на фестивалот беше здружението на граѓани Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, а партнери и соработници на фестивалот беа Кино Култура, МКЦ, Театар на Навигаторот Цветко, ПМГ Рекордингс, Колектив Ветерница, Аксиома – асоцијација за културна соработка и истражување, издавачка куќа Бегемот, МакеДокс, Вардар филм, Архитектонски факултет – Скопје, Шумарски факултет – Скопје, ЈП Паркови и зеленило, Општина Центар, Државен студентски центар „Скопје“ и Фонд за иновации и технолошки развој.
Фестивалот се реализира со поддршка на град Скопје.