Француското национално собрание денеска на пленарна сесија го изгласа законот за ратификација на Протоколот за членството на Северна Македонија во НАТО, јавува дописникот на МИА.
Предлог-законот на министерот за Европа и надворешни работи со кој се овластува ратификација на Протоколот на Северноатлантскиот договор за пристапување на Република Северна Македонија, изутринава беше првата точка на дневниот ред на Француското национално собрание, кое по расправата во која учествуваа претставниците на сите политички групи даде зелено светло за ратификацијата на Протоколот.
Расправата во Националното собрание се одржа по неговото усвојување од францускиот Сенат на 17 октомври.
Влегувањето во сила на Протоколот за пристапување на Северна Македонија ќе и овозможи на земјата да стане 30-та членка на Северноатлантската алијанса, откако сите 29 земји членки на НАТО ќе известат за ннеговата ратификација.
Пристапувањето на Северна Македонија во НАТО, според објаснувањето дадено од француското министерство за Европа и надворешни работи ќе ја зајакне безбедноста на регионот и на Алијансата како целина.
Франција ќе остане особено будна во однос на клучните принципи на процесот на проширување на НАТО, а тоа се проценка на сопствените вредности на земјите-кандидатки и нивниот придонес за безбедноста на евроатлантската област.
По зеленото светло од Франција, останува Протоколот да го ратификува уште Шпанија. Очекувањата беа дека Протоколот ќе биде ратификуван од сите 29 држави членки до Самитот на Алијансата закажан за 3 и 4 декември во Лондон, но во Шпанија на 10 ноември се одржаа избори, а таму според процедурите новиот состав на Парламентот би се конституирал на 3 декември. Земјите членки на НАТО на 6 февруари го потпишаа Протоколот за пристапување на земјава во Алијансата. По ратификацијата на Протоколот во парламентите на сите 29 земји сојузници, документот треба да биде ратификуван и во Собранието на Македонија, со што земјата станува 30-та членка на НАТО.