За да ги откриете најубавите плажи на трите езерски крајбрежја, треба да поминете точно 800 км. Секоја од плажите има своја убавина и специфика по која се разликува од другите и ја чини посебна. Она што им е заедничко е што трите наши езера се наоѓаат во прегратките на околните планини. Тој спој е гаранција за убав и релаксиран одмор.
АЛЕКС БИЧ И ГРАДСКА ПЛАЖА ВО ДОЈРАН
Алекс бич и Градската плажа се најубавите и најсредените плажи на Дојранското езеро. Првата се наоѓа на влезот на Дојран и има сместувачки капацитет од 300 до 500 гости. Местото е во приватна сопственост,а за него се грижат Алек Тентов и неговото семејство.Цените воопшто не се високи.
КУБА ЛИБРЕ ВО ОХРИД, ЗАБАВА И УЖИВАЊЕ
Убави и удобни лежалки, чиста плажа, средено кафуле, убав поглед кон градот. Куба Либре е една од најатрактивни места на Охридското езеро. Освен услови за добро капење и сончање, се случуваат и ноќни забави. Добро е што концесионерите, од депонија местото го претворија во средено дел од крајбрежјето.
ПЛАЖА ОРЕВЧЕ, ЗАЈДИСОНЦЕ НА ДЛАНКА
Место под гранките на еден орев со дебела сенка. Се наоѓа пред Градиште и е вистинска плажа за уживање, бидејќи е скриена од светот па и од охриѓани.Има и таверна која нуди одлична храна. Се случуваат журки.До неа се стигнува со кајче, иако и спуштањето по копнениот пат е возбудливо. Освен што е супер средена, на Оревче го има и најубавото зајдисонце. Плажата не е голема, но е вистинско место за хедонисти.Местото има некоја позитивна енергија која го подобрува расположението.
ДОЛНО ДУПЕНИ БИЧ-ПРЕСПА, ПЛАЖА НА ВЉУБЕНИТЕ
Долно дупени бич и официјално е прогласена за најубава плажа на Преспанското езеро. И со право. Ситен песок, дрвца, сламени чадорчиња, дрвени маси и столчиња, терен за одбојка.Семејството Димовски веќе десет години ја имаат под концесија и ја средуваат во зависност од можностите.Гостите можат да се сместат во приватни куќи, а има и мал хотел. Оваа плажа поради нејзиното име ја нарекуваат и плажа на вљубените.Од таму може да се посети и островот на змиите од каде се стигнува за час и половина.
ГОЛДЕН БИЧ, СКОПСКА ШЕМА ВО ОХРИД
Плажата Парк во Охрид има ново име Голден бич и истата е во ново руво. Бидејќи е во соптвеност на Зоки Кичеец, кој фигурираше и како еден од менаџерите на ланч-барот Арабеска, истата шема ќе се „фура“ и таму.Освен што плажата и базенот се убаво средени, ќе се нуди и закуска и некој „лајт“ ручек за гостите. Отворањето беше спектакуларно, со огномет, со „шема“ гости од Скопје и Охрид, па се очекува да се продолжи во истиот стил.
ВЕРСУС БИЧ БАР, ПРИЈАТНО ИЗНЕНАДУВАЊЕ ОД СТРУГА
Оваа плажа е вистински хит летово, а може да се каже и пријатно изненадување. Лоцирана на струшкото крајбрежје, тешко ќе поверувате дека е кај нас, ако добро не препрочитате.Зеленило, балдахини, платформа со кафе бар, ВИП сепареа, шатори, вистински мераци.