Здружението за исчезнати бебиња од Белград поднело две кривични пријави во Обвинителството за организиран криминал против членови на организирана криминална група составена од доктори и државни службеници, на чие чело е еден гинеколог поради трговија со луѓе.
„Во интерес на истрагата е да не се изнесуваат детали од обвинителството, но постојат доволно докази за крадење на бебиња и понатаму“ – рекла Милена Јанковиќ, претседателка на здружението.
По конференцијата за новинари, организирана за таканаречениот “Закон за исчезнати бебиња“, пред две недели се огласил некој млад човек.
„Тој беше во друштво на 20-на луѓе кога еден од присутните раскажа како со докторот, некогашен началник на гинекологија на тоа место, кој сега има приватна ординација, договарал купување на новороденчиња. Човекот живее во странство. Докторот понудил да “набави“ бебе и да обезбеди документи за новиот “родител“ легално да може да го изнесе од државата. На прашањето “колку чини тоа“, гинекологот му одговорил: “Претходниот клиент ми купи автомобил“. Пред ординацијата запрел автомобил вреден околу 50.000 евра“ – изјавила Јанковиќ.
Обвинителството за организиран криминал поднело кривична пријава и писмена изјава од тој човек кој рекол дека е подготвен да сведочи.
„Поднесовме пријава и во словенечкото обвинителство па љубљанската полиција споведе истрага против еден брачен пар, а во истрагата се вклучени и српски органи. Станува збор за пар од Словенија кој во 1986-та година стапил во контакт со приштинскиот центар за “купување бебиња“. Отпатувале во Косово и таму си обезбедиле девојче. Кажано им било дека мајката на девојчето била студентка и дека го оставила бебето“ – вели Јанковиќ.