Денес си седам на тераса, си пијам кафе вообичаено со цигарче и малку уживав пред да се фатам со работа. А дворот богами си сака многу работа. Попаѓале лисја од дрвата, треба да се искастрат исушените цвеќиња, да се смете патеката…
Си седам јас така и го гледам соседот како фатил да го чисти дворот. Го граби лисјето со гребло, собира ли собира… се растрчал низ дворот. Собра цели три црни вреќи од оние најголемите. Собра и суви гранки, ги подврзуваше во снопови, расчисти што имаше за расчистување, а јас искрено уживав додека го гледав.
Одамна вака не ми поминало време седејќи и неправејќи ништо, а всушност уживав гледајќи го соседот. Тој си заврши со работата, влезе дома, па по некое време излезе дотеран и се упати накај колата.
Во тој момент кога влегуваше, истрча жена му од дома и зеде да ги истура вреќите со лисја што тој така педантно ги врза и ги стокми.
Јас се извадив од памет и ко што бев опуштена одеднаш срипав и мислев дека сега ќе има некоја сочна кавга и дешавка.
Успеа две вреќи да истури, а кога тргна и третата да ја влече, тој како што се држеше за главата, се стрча накај нејзе, а мене срцето престана да ми чука.
И ја истрга вреќата од раце и сам ја истури целата. А потоа ја грабна со двете раце и почна страсно да ја бакнува. Јас останав така со подотворена уста, не дишев од вознемиреност. Ова не го очекував, бев исплашена дека ќе ја удри или полошо, а тој вака страсно постапи, што солзи ми дојдоа на очи.
Е ова е значи вистинска љубов, безусловна… нешто што искрено никогаш не сум го почувствувала од мојот маж.
Па јас ако му направев вакво нешто на мојот маж, најмалку што ќе добиев ќе беше еден шамар, а можеби и два…
Ми помина мене денот гледајќи ги соседите и не пипнав ништо по мојот двор. Тие малку се закачкаа низ дворот, а потоа заедно пак ги собраа лисјата и насмеани до уши си влегоа дома.
Ќе разберев да беа млади и тукушто земени, да имаа по 20 години, а тие се веќе 20 години во брак. Искрено, станав тажна после ова што го видов, малку сум љубоморна. Би сакала и јас да имав ваков брак.