Пејачката интензивно работи на новиот албум, а сега раскажа како тој ќе изгледа.
„Она што можам да го кажам за новиот албум е дека всушност ќе издадеме два албума во период од три месеци, како А и Б страна. Секоја песна на албумот е вредна и добро осмислена, различна и, може да се каже, модерна, и затоа решивме дека нема веднаш да исфрлам 12 песни“, изјави Северина.
Таа во продолжение откри дека албумот ќе се вика „Sorry, sorry“, но и со кој познат музичар соработувала на новиот проект.
„Албумот ќе се вика „Sorry, sorry“. Не напишав ниту една песна за новиот албум, но дадов идеи за аранжман, а како изведувач практично научив поинаков начин на пеење од почеток за одредени песни.Брега ни подари солo за една песна, ќе биде интересна комбинација“, рече пејачката.
Северина додаде дека јавноста ќе има можност да го слушне „Sorry, sorry“ најверојатно наесен, но и дека веќе напролет ја очекува турнеја. Таа имаше интересен одговор и на прашањето кој албум повеќе би сакала да го избрише.
„За да не ги навредам колегите, ќе ја изберам мојата „Бамбола ла бамбола“. Би го избришала целиот албум „Севергрин“ бидејќи го снимив во лош период, па не ми се допаѓа“, искрено одговори Северина.