Со многу забавни активности за најмладите и со специјални попусти и подароци за потрошувачите, компанијата „Веропулос“ в понеделник (26 август) ќе го одбележи отворањето на реновираниот маркет во Тетово кој сега добива и свој „Џамбо“ маркет. Станува збор за маркетот лоциран на улицата Борис Кидрич бб, кој беше третиот Веро маркет отворен во земјава по двата отворени во Скопје при крајот на деведесеттите години и кој сега доби нов, модерен лик согласно светските трендови во малопродажбата. Големата забава по повод отворањето на реновираниот Веро маркет и нова продавница Џамбо ќе почне во 16 часот и ќе биде наменета за целото семејство. За најмладите ќе се организираат забавни игри со слатки награди, дружење со омилените ликови од цртаните филмови и многу интересни подароци за сите. За возрасните, Веро маркетот ќе понуди специјални попусти, акции и изненадувања. Притоа, за секоја сметка над 1.000 денари направена во периодот од 26 дo 28 август, потрошувачите во овој маркет ќе добијат ваучер од 100 денари кој може да го искористат за пазарување во новиот „Џамбо“ маркет. Освен во добрата музика и забавата, посетителите на отворањето ќе уживаат и во бројни дегустации на различни производи што ќе се одвиваат пред Веро маркетот. – Проширувањето на мрежата Веро маркети и продавници „Џамбо“ е настан кој традиционално го одбележуваме заедно со нашите потрошувачи, со забавни содржини во кои главниот фокус секогаш е врз најмладите. Концептот на „Веро“ и на „Џамбо“ е да понудат сѐ на едно место за целото семејство, а тоа подразбира на едно место да овозможат најдобри цени, најквалитетни производи, врвна услуга и поразлично шопинг искуство во кое подеднакво ќе уживаат сите генерации. Концептот на отворање „Веро“ и „Џамбо“ маркети под ист покрив покажува извонредни резултати, така што го применивме и кај модернизираниот маркет во Тетово и планираме да го применуваме секаде каде што тоа ќе го дозволат просторните услови – вели Љубица Короскоска, маркетинг-директор на компанијата „Веропулос“ во Македонија. Оваа компанија досега во Македонија има отворено 13 Веро маркети во Скопје, Тетово и Битола, како и продавници „Џамбо“ во трите градови.