Неквалитетната изградба на атмосферската канализација по силниот налет на вчерашниот дожд ги поплави подрумите и куќите на Тетовчани. Улиците беа мали езерца, а се поплави и уметничката галерија. Тетовчани утринава изморени од чистењето на водата и калта, пред камерата на Телма сведочат дека ова не е првпат да се поплавени.
Тетовскиот градочалник, Касами најави дека штетите доправа ќе се проценуваат, а ќе се бара и помош од Владата. На другиот крај од земјата во малата рурална општина Лозово Олга Сребреновска од селото Дорфулија од вчера живее под ведро небо. Силниот град и направи дупки во кровот, а водата и го поплави домот.
Деведесет проценти од жителите на Лозово живеат од земјоделство, лозарството и овоштарство, каде што има големи штети на насадите. Сметаат дека оваа година ќе биде тешка.
На вонредната седница на Советот на Општина Лозово формирани се и комисии за проценка на штетите, кои од денеска излегуваат на терен. Бараат и вонредна седница на Владата.
Во Лозово од невремето проследено со град настардаа соларни панели и автомобили, а минатата недела од силниот ветар штетите имаше на фирми, локалните патишта беа блокирани, а на едно семејство од Сармзалино им падна дрво врз кровот од куќата.
Викторија Димитрова Јованова