Попладнево Хрватска ја зафати силно невреме, проследено со поројни дождови и град. Невреме со силен ветер и врнежи во попладневните часови го погоди централниот дел на Хрватска, но се уште нема податоци за можни штети.
„Водата почна да влегува дома од под вратата, па се обидувавме да спречиме. Околните дворови исто така се под вода. Невремето удри и на паркираните автомобили“ изјавила жителка на Сисак.
Под вода е и центарот на Сисак, а возилата едвај се движат по поплавените улиците.
Невремето околу 15 часот стигнало и до Загорје, како и во Кумровац, Горен Јесењ, Дуковац, Грегуровац, Костел, некои делови од Лобор, Стари Голубовац, Крапин, и други.
Како што се наведува, во Далмација дури вечер и во текот на ноќта ќе има силни грмежи и ветер. На Јадранот пак утре се уште ќе има врнежи во северните и централните делови, а во понеделник ќе дојде до разведрување. Следи умерена до силна бура која ќе донесе освежување.
Во системот на МетеоАларм прогласен е портокалов степен на предупредување за внатрешниот и северен Јадран. За централен Јадран пак, прогласен е жолт степен.
Во Македонија од утре и во наредните денови во попладневните часови времето ќе биде нестабилно, на повеќе места со пороен дожд и грмежи, информира Управата за хидрометеоролошки работи.
Минималните температури утре ќе се движат од 13 до 20 степени, а дневните од 25 до 35 степени. Во Скопје и околината минималната температура ќе достигне до 18 степени, а дневната до 34 степени.
Локално процесите ќе бидат во форма на невреме. Утре и во средината на неделата ќе дува повремено засилен ветер. Пообилни врнежи ќе има во понеделник.
Во следниот период дневните температури ќе опаднат па во понеделник само понекаде ќе надминат над 30 степени. Кон крајот на работната недела не очекува постабилно и повторно топло време.