Google Play наскоро ќе отстрани голем број на апликации

|

Апликациите кои не се прилагодени на новите верзии на Android ќе бидат отстранети од Google Play. Девелоперите имаат време до ноември оваа година да издадат апликација на прифатлива верзија за Android или апликацијата нема да се покажува на Google Play, и инсталирањето ќе биде блокирано за нови корисници.

Промената ќе важи за сите апликации кои користат Android API кое е барем две години постаро од последната верзија на Android. За сите постоечки корисници на апликациите нема да има никаква промена. Тие и натаму ќе можат да ги пронајдат и да ги инсталираат апликациите. Со ова секако ќе се избегне непријатна ситуација да бидат отстранети апликации кои корисникот ги платил во минатото, и ги користи, но развивачите престанале да ги одржуваат, пишува IT.mk.

Google континуирано работи на зголемување на безбедноста на корисниците. Неодамна од Google Play беа отстранети и 11 апликации кои беа користени за собирање на податоци на корисниците.

Дел од отстранетите апликации се муслимански молитвеници и имаат неколку десетици милиони преземања. Android Headlines пренесе дека 11 од апликациите имале над 60 милиони преземања. Овие апликации се користени за собирање на имејл адреси, телефонски броеви, лозинки, и GPS локации.

Покрај молитвениците има и апликација за детектирање на локации на кои полицијата ја мери брзината, далечински управувач, QR-скенер, виџет за часовник и време…

Кои се зафатени апликации:Speed Camera Radar, Al-Moazin Lite (Prayer Times), Wi-Fi Mouse (remote control PC), QR & Barcode Scanner (developed by AppSource Hub), Qibla Compass – Ramadan 2022, Simple weather & clock widget (developed by Difer), Handcent Next SMS-Text with MMS, Smart Kit 360, Al Quran MP3 – 50 Reciters & Translation Audio, Full Quran MP3 – 50+ Languages & Translation Audio.

Иако Google ги отстрани овие апликации на 25 март, сите апликации се веќе вратени. Measurement Systems негира дека е виновна, но има полно докази кои го покажуваат спротивното, тврди Wall Street Journal.