Горива, новата методологија објавена во службен весник

ИЗВОРСкопје24
|

Новата методологија за пресметка на горивата стапува во сила. Денеска е објавена во Службен весник и потпишана од страна на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски. Од понеделник државните регулатори повторно ќе го имаат последниот збор за тоа по која цена ќе се продаваат горивата на бензинските пумпи. Освен заработувачката за трговците, главниот критериум од кој ќе зависи малопродажната цена се курсот на доларот во однос на денарот и движењето на суровата нафта на светските берзи.

„Новата малопродажна маржа е 4.6 денари, трошокот за транспорт во државата ќе изнесува 0.75 денари. Сите анализи кои ги правевме во изминатиов период укажуваат дека со новата методологија цените на нафтените деривати, споредено со претходната методологија, се намалуваат во зависност од периодот од 1 до 2 денари. Имало и периоди кога имало драстични промени на светските берзи“, рече Марко Бислимовски, претседател на, Регулаторна комисија за енергетика.

Со заработката од 4,6 денари за продаден литар која ќе ја добиваат, трговците на нафта не се задоволни, вели Бислимовски, затоа што тие барале да заработуваат од шест до шест и пол денари.

„Им даваме реален разумен профит. Ние по сите регулирани дејности за коишто определуваме цени профитната маргина изнесува, во зависност од годината и дејноста од пет до седум отсто. Ние и сега се држиме во рамките на овие проценти“, додава Бислимовски.

Со ова практично завршува двонеделниот либерализиран пазар на нафта и нафтени деривати во земјава во кој компаниите од овој сектор самите ги определуваа малопродажните цени.