Копенхаген банкротирал во 1994-та година, а потоа успеал од распаднат, индустриски центар, да стане, официјално, најдоброто место за живот на светот.
Данскиот урбанист Јакоб Матзен, кој неодамна гостувал во Музејот на шабачките Евреи во Шабац, одржал предавање, кое го почнал со фотографијата од пристаништето во кое граѓаните опуштени пливаат. Тоа пред 40 години било незамисливо, бидејќи водата била толку загадена што капењето, благо кажано, било небезбедно.
Копенхаген денес има чисто и уредно пристаниште во кое уживаат жителите, како и одлична инфраструктура и урбанистичка политика која става акцент на велосипедистите и пешаците.
Јакоб Матзен објаснил дека по банкротот на градот пред 25 години, земјиштето на Копенхаген било префрлено во сопственост на организацијата By & Havn, но дека градот сепак поседува 95 проценти од нејзините акции. По воспоставувањето на ваквата организација, започнува препородувањето на градот.
Копенхаген моментално се наоѓа под управа на главниот градоначалник и шест дополнителни градоначалници од различни области.
Човекот и неговите потреби
Човекот и неговите потреби, како и состојбата на неговиот дух, биле од големо значење за урбанистичката и архитектонска трансформација на Копенхаген. Панорамата на градот, каква што некогаш била, не се променила значајно. Новите објекти во главно не надминуваат четири до пет ката, освен новите посебно значајни градски објекти, кои се нешто повисоки.
Значаен елемент на Копенхаген е водата. Освен пристаништето, кое е уредено на начин што во него жителите можат да се капат, постојат и многу бројни водени канали. Имено, жителите на Копенхаген често имаат проблем со значителни количини на дожд, така што последното истражување било насочено кон создавање на мали канали низ градот, кои поефикасно би ја собирале дождовницата која потоа се враќа во системот.
Одржлива економија
Данците се познати по грижата за одржливоста, а тоа се гледа и преку проектот за трансформација на Копенхаген, каде има безброј ветерници, но и зелени кровови на рестораните, кои на своите врвови имаат градини каде одгледуваат билки за своите потреби.
Со оглед на фактот дека 50 проценти од жителите на Копенхаген секојдневно користат велосипед како превозно средство, од големо значење било да се оформи функционален систем за велосипедисти во градот.
Високи цени на становите
Скапите недвижнини се уште еден проблем. Секако, нивните цени пораснале бидејќи овој град е еден од најпосакуваните за живот на светот, па многумина би сакале тука да се населат трајно.
Секој месец во Копенхаген се доселуваат нови 1.000 граѓани, па се планира до 2029-та година популацијата во овој град да биде поголема за 100.000 луѓе. За да се намали цената на недвижнините, во данската престолнина се прават нови острови, до кои има нови метро линии. Со тоа ќе се добијат поевтини станови.