Градот не се откажува, Скопје ќе се украсува за Нова година

ИЗВОРНов Лист
|

Град Скопје нема намера да се откаже од новогодишното украсување, потврди Скопскиот градоначалник Петре Шилегов, иако некои општини до сега објавија дека нема да трошат пари за оваа намена.

Според Шилегов, празничната атмосфера не треба да биде жртва на моменталната ситуација. Планот е до 5 декември Плоштадот Македонија и улиците во центарот на градот да светнат со новогодишни украси и светилки.

Градоначалникот изјави – „Оваа година на нашите дечиња им е одземено многу, детството, училишната година, играта со другарчињата, радоста. Сметам дека во оваа тешка година и мрачно време во коешто живееме, не треба на светол момент како што е Нова година, да останеме неми. Немаме право да го направиме тоа, немаме право да им ја одземе надежта и радоста на граѓаните и децата“.

Како додаток на изјавата Шилегов рече дека Годинава градот само ќе биде украсен, нема да се организира новогодишната манифестација „Винтерленд“, ниту ќе има прослава за дочек на Нова година.