Граѓанските организации – посилни со бизнис секторот и граѓаните, 16 граѓански организации успеаа да обезбедат поддршка од повеќе од 100.000 евра

|

Колку е поголема поддршката на граѓанските организации од страна на бизнис заедницата и граѓаните и институциите толку се поголеми можностите за подобрување на општеството во целина е заклучокот на Конференцијата за меѓу-секторски партнерства насловена „Граѓанските организации посилни со бизнисите и граѓаните“ oдржана денес (31 мај) во Скопје во организација на Здружението Конект, а во рамки на проектот „Промени за одржливост“.

На конференцијата над 100 претставници на граѓанските организации, институции и експерти дискутираа за одржливоста на граѓанскиот сектор, важноста на партнерствата со бизнис заедницата, нивната поинтензивна соработка за реализација на иницијативи за постигнување промени и подобрување на животот. Претставнички од бизнисот и организации за поттикнување на донирањето од Србија и Бугарија ги споделија искуствата и добрите практики од соседството за поддршката на граѓанскиот сектор од корпоративни и индивидуални донатори во овие земји, а за можностите за подобрување на меѓу-секторски партнерства беа слушнати и домашните искуства и поуки. Присутните на настанот се запознаа и со 16-те граѓански организации кои Конект проектот „Промени за одржливост“ ги поддржа со грантови од ЕУ да соработуваат и прибираат средства од донатори- бизниси и граѓани за спроведување на своите заложби и промовирање на иновативни модели за самоодржливост. За да можат да остварат одржлилвост и да продолжат да остваруваат позитивни промени во своите заедници тие успеале да добијат поддршка вредност од околу 100.000 евра во парични и материјални донации од бизниси, граѓани, општини и преку пилотирање на економски активности.

г. Виктор Мирчевки, програмски раководител на Конект и координатор на проектот „Промени за одржливост“ посочи дека Конект ќе продолжи посветено да работи на поттикнување на филантропијата и општествена одговорност која е клучната алка за поврзување на донаторите со граѓанскиот сектор за создавање на позитивно влијание во општеството. „Проектот докажа дека со градење на односи на доверба соработката на различни сектори е посакувана и поттикнува позитивни промени во заедниците. Бизнисите и граѓаните ги препознаваат граѓанските организации како природни партнери во создавањето подобар живот во заедниците. Менувањето на Законот за донации и спонзорства во јавните дејности уште повеќе ќе ги засили овие релации. “, додаде тој.

Конференцијата за меѓу-секторски партнерства е заокружување на проектот „Промени за одржливост“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Конект во партнерство со Фондација Аполонија и Центарот за даночна политика. Проектот придонесе граѓанските организации да се справуваат со предизвикот на финансиска одржливост преку нивно обединување (над 100 ГО) во Мрежа за финансиска одржливост што застапува за подобри политики и закони што ќе овозможат постабилни и посилни здруженија, но и преку низа обуки, менторска поддршка, прирачници и алатки наменети за помалите локални организации. Иницијативи на 16 ГО беа поддржани за прибирање на средства и меѓу-секторски партнерства во коишто тие заедно со локалните институции и бизнисите работат заедно за да создадат позитивни промени во заедницата, финансиска одржливост и развој.