Грција и официјално почна да го користи терминот „македонски јазик“

ИЗВОРСкопје24
|

Во оглас објавен во Службен весник, Министерството за цивилна заштита на Грција бара лица со познавање на македонскиот јазик за вработување во грчката Национална агенција за разузнавање, што воедно е и првата официјална употреба на овој термин, по стапувањето во сила на Договорот од Преспа, јави дописничката на МИА од Атина.

Секако, во огласот во делот во кој се наведени јазиците што треба да ги познаваат кандидатите кај македонскиот јазик во заграда стои „јужнословенски“.

Националната агенција за разузнавање на Грција отвори оглас за пополнување 302 работни места, а во одделот за преведување, толкување и сослушување вработува 56 лица со познавање: англиски, француски, германски, шпански, италијански, арапски, бугарски, еврејски, руски, турски и, како што пишува во огласот, „македонски (јужнословенски) јазик“.

Инаку новото име Република Северна Македонија почна да го користи и глобалната интернет енциклопедија Википедија.

Во информациите за земјава на Википедија на англиски, на француски, на грчки и на повеќе други светски јазици веќе е наведено дека новото име на државата е Република Северна Македонија.

Се наведува и образложение дека тоа е направено со Договорот од Преспа, со кој беше ставен крај на 27-годишниот спор за името меѓу Скопје и Атина.