Хелена Мориси има сè – успешна кариера, големо семејство и одличен изглед! Сепак, тоа не е доволно за да се опише оваа фантастична дама и сè она што успеала да го направи во животот. До 35-та година успеала да создаде вистинска работна империја – сопственик е на компанија за осигурување „Legal&General“, која има на располагање 983,3 милијарди фунти и води компанија во Велика Британија, која се бави со финансиски услуги. Многу се ангажира за рамноправност меѓу половите, член е на неколку хуманитарни организации , борец е за почиста и поздрава животна средина.
Освен што е успешна бизнис жена, со истакната позиција во друштвото, Хелена е и мајка. Верувале или не, таа родила 9 деца со сопругот Ричард Мориси. Нејзините деца се: синот Фиц (26), ќерката Фло (23), близнаците Мајли и Тапиј (19), ќерката Клара (18), Октавија (15), синот Чај (12), ќерката Сесили (10) и Беј (9).
„Луѓето велат дека сум супер жена, модел од кој треба да земат пример и сето тоа можеби изгледа многу лесно. Но, не е! Јас на работа сум многу професионална, но дома ги доживувам истите секојдневни обврски и предизвици, како секоја друга жена и домаќинка“, скромно признала Хелена за Дејли Меил.
Некој ќе рече дека ѝ е лесно бидејќи е богата, но, на Хелена не ѝ било сè во животот мед и млеко. Богатството го стекнала со долгогодишно одрекување од некои работи, со труд и многу напорна работа. Ниту со пораѓаите не ѝ било лесно – со првото дете имала прееклампсија, со второто имала големо крварење, а и со останатите пораѓаи имала проблеми. Блиските луѓе постојано ја прашувале „Зошто толку деца?“. „Обожував да раѓам деца. Да не било навистина така, не би родила девет. Сите се родени по природен пат“, истакнува гордата мајка.
Сепак, многу дами приметија едно – после девет пораѓаи и на почеток на шестата деценија, Хелена сè уште изгледа феноменално! Но, како?
„Во моето семејство сите се слаби. Освен тоа, се трудам да одам на пилатес три пати неделно, за да го задржам слабиот струк“, вели оваа супер жена. Иако многумина ѝ велат дека има тело на кое секоја облека изгледа фантастично, Хелена се држи до својот стил и до својата едноставна формула за облекување.
„Немам стилист. Имам многу едноставна формула – најпријатно се чувствувам во фустани со светли бои и неутрални чевли. Носам високи потпетици, бидејќи во нив се чувствувам помоќно. Воопшто не ми е срам да го признаам тоа“, вели Хелена. Иако е многу богата, Хелена нема тони гардероба. „Купувам преку интернет, имам шест или седум фустани што знам дека ми стојат убаво и постојано ги менувам тие. Имав еден црвен фустан кој го носев буквално дедека не се отпара, а потоа купив ист таков и тоа на распродажба“, открива Хелена.
Оваа неверојатна жена пред неколку дена се реализирала во уште една важна животна улога – прв пат станала баба.
„Добив внуци порано од што очекував. Веројатно тоа е само мое мислење, бидејќи како вчера да беше кога Беј беше бебе“, вели Хелена, која сега е остварена на сите полиња во животот.