Хирург од Зеница оперирал патник во авион

ИЗВОРСкопје24
|

Анел Окиќ од Зеница, кој е хирург во Кантоналната болница во Зеница, не ни замислувал дека патувањето до Колумбија ќе му остане доживотно во сеќавање, со оглед на тоа што на летот, кој траел 11 часа, во авионот „боинг 787“ му го спасил животот на еден Французин.

Сè се случило на летот Панама – Париз, кога, по три часа лет некој прашал дали меѓу патниците се наоѓа медицинско лице бидејќи на еден од патниците му се слошило.

– Без размислување се јавив. Ме однесоа на крајот од авионот. Таму затекнав бледо момче кое тешко дишеше. На коленото, кое му беше потечено, видов рана. Рече дека бил во панамската џунгла и дека еден ден претходно нешто го каснало. Коленото беше инфицирано, а поголемиот дел од ногата потечена. Имаше покачена температура – раскажува Окиќ.

Затоа, Окиќ му рекол на екипажот дека раната мора да се отвори и исчисти. Тие му ја донеле потребната опрема, а потоа следувала операција.

– Стјуардите ми помогнаа. Ја исчистив раната, го отстранив гнојот и ја завиткав. Се сомневав дека станува збор за голема алергиска реакција, па ставив и инфузија со хидрокортизон. По инфузијата и третманот пациентот се чувствуваше многу подобро, а потоа интрамускуларно му дадов и инјекција со антибиотик од широк спектар. Сè траеше еден час – вели Окиќ.

Кога сè завршило, екипажот и 300 патници во авионот му аплаудирале на храбриот доктор, кој вели дека станувало збор за сериозна инфекција што можела да има кобни последици.

– Можеше да се искомплицира. Можеше да дојде до животна опасност ако се развиеше алергиска реакција, бидејќи тешко дишеше. По два часа, се чувствуваше доста добро. Кратко по интервенцијата на разглас ми заблагодарија и ми оддадоа признание за сè што направив – истакнува Окиќ.

Не крие дека не било едноставно да се одлучи на таква интервенција илјадници метри над земјата.

– Најголемиот страв ми беше да не се искомплицира нешто. И тоа секогаш е стравот, бидејќи некогаш и најмалата операција може да се искомплицира. Но, за среќа, специјалист сум на хирургија, па тие мали операции ни се рутина – вели докторот.

Добил бесплатен лет

– Дојде главната стјуардеса и ми рече дека добив бесплатен лет од „Ејр Френс“ и ваучер да си купам што сакам од фришоп. Кога слетавме, пилотот ми се заблагодари за сè што направив – додава докторот.