Хрватските куни и бугарските левови наскоро ќе бидат заменети со еврото

|

Хрватска и Бугарија преку механизмот ЕРМ-2 се во почетна фаза за воведување на еврото како валута која ќе се користи во нивните држави.

Според Ројтерс, оваа фаза ќе се одвива во следните три години и ова ќе бидат две нови држави кои ќе пристапат на евро-зоната по 2015 година, кога Литванија му се приклучи на валутниот блок, кој сега брои 19 членки.


Според извори од Европската унија оваа одлука веќе била донесена од министрите за финансии на ЕУ, на состаноци водени како видео конференции изминативе денови.

Според проценките 2023 година е годината кога најрано може да се очекува нивно членство во еврозоната. Процесот би требало да трае вкуно три години од кои 2 во механизмот ЕРМ-2 и една година за практични подготовки.
Зголемувањето на бројот на земји што користат еврото како заедничко средство за плаќање е знак дека на тој начин еврото може да ја одржи својата позиција на резервна светска валута. Засега приматот го има американскиот долар.

За главна причина за приклучување на државите кон користење на еврото како валута се смета зголемувањето на шансите за привлекување странски инвестиции, како и значително поедноставен и поевтин начин на задолжување на финансиските пазари.