Хрватска нуди по 26.500 евра за вратен иселеник, се пријавил само еден

|

Откако хрватската Влада понуди по 200.000 куни за секој иселеник што ќе се врати во државата, како дел од пакетот демографски мерки за ревитализација на земјата, за еден месец се пријавило само едно лице

За хрватските експерти ваквите резултати се очекувани бидејќи голем дел од населението во земјата е незадоволно од условите за живот а ниту една влада досега не обрнала внимание на младите и на нивните потреби.

„Треба да се прашаат младите зошто си заминуваат, бидејќи повеќето од лицата кои си одат се млади. Пред се станува збор за егзистенција, работа и средена држава. Треба да се понуди многу повеќе отколку некоја ваква мерка. Луѓето повеќе не веруваат во ветувања на политичарите.“ – изјави Дамир Стрмота – демограф.

Од светскиот младински сојуз во Хрватска велат дека на младите треба да им се понуди многу повеќе од 26 илјади евра, колку што ветува хрватската влада, ако сакаат тие да се вратат или пак да останат во земјава. Според нивните податоци, околу половина од младите Хрвати размислуваат трајно да ја напуштат земјата.

„Важно е да се регулира деловната клима за инвестирање, да се подобрат условите за работа на пазарот на трудот, да се обезбедат подобри работни места и повисоки плати. Да има подобри услови за обезбедување на дом и усогласување на семејниот и деловниот живот.“ – изјави Иван Мајсториќ светски младински сојуз.

Голем дел од помладата популација во хрватска вели дека сите влади во изминатиот период повеќе внимание посветувале на постарата отколку на помладите генерации а како причина за тоа наведуваат дека постарите луѓе имаат многу поголема веројатност да излезат на избори и да гласаат. Од хрватската влада соопштија дека за оваа мерка се обезбедени 1 милијарда и 20 милиони куни а иако е рано, очекуваат најмалку 5 илјади хрвати да се вратат во државата.

извор: 24.mk