Стадионот „Филип Втори“ ќе биде преименуван во Национална арена „Тоше Проески“. Ваква одлука донела Владата на денешната 129. седница, а на социјалните мрежи објави владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
Одлуката е во склоп на исполнување на обврските што произлегуваат од преспанскиот договор, а од Владата велат дека Тоше Проески е избран како личност што оставила траен белег во македонската и регионалната современа историја.
Утрово на редовната 129 #седница на @VladaMK донесовме одлука за преименување на стадионот во Национална Арена Тоше Проески, во чест на личноста која остави траен белег на македонската и регионална современа историја.
— Миле Бошњаковски (@portparolVRSM) April 9, 2019
Градскиот стадион во 2009 година беше преименуван во Национална арена „Филип Втори“.
Ретки се случаите стадиони во Европа да бидат именувани по индивидуалци, а уште повеќе по музички изведувачи на концерти, еве слични такви примери.
Стадионот Максимир, на кој настапува Динамо Загреб и хрватскиот фудбалски национален тим го носи името по тамошниот парк кој пак тоа име го добил по дамнешна гостилница на тоа место. Во Белград најголемиот стадион се вика Рајко Митиќ според поранешниот фудбалер и тренер, а неофицијално е повеќе позната како Маракана. Најголемата фудбалска арена во Софија, Васил Левски, е именувана по бугарскиот револуционер кој го организирал населението против отоманската власт. Најголемиот стадион во Словенија наречен Стожице го носи името според реонот на кој е подигнат. Олимпијакос во Атина игра на Јоргос Караискакис, поранешен генерал во борбата за независност.
Стадионот на Атлетико Мадрид е наречен според бизнисменот кој го финансирал клубот, а Фиорентина го нарекува својот стадион Артемио Франки во чест на својот некогашен претседател. Алијанц Арена на Баерн Минхен, Емирејтс на Арсенал, Турк Телеком на Галатасарај, Ред Бул арена на Лајпциг се класичен пример за се поголемиот продор на комерцијализацијата и се викаат според компаниите-спонзори. Камп Ноу на Барселона значи „нов терен“.
Според поранешни фудбалски легенди се наречени и Сантијаго Бернабеу на Реал Мадрид. Валериј Лобановски, по кого е наречен стадионот во Киев, е славен тренер уште од советската ера, а и стадионот Валентин Станеску во Букурешт е именуван по славниот стратег на Рапид и Стеауа. Хампден парк, стадионот на кој игра шкотската фудбалска репрезентација, има инспирација од Џон Хампден, средновековен политичар.