И втори јануари неработен ден за вработените во јавната администрација

ИЗВОРСкопје24
|

На денешната седница, Владата на Република Македонија донесе одлука втори јануари да биде неработен ден за вработените во јавната администрација, со препорака истото да биде прифатено и од страна на приватниот сектор.

Инаку, во 2019 година, македонските граѓани ќе имаат седум продолжени викенди. Од вкупно 11 неработни денови за сите граѓани, седум се поврзуваат со викендот, за разлика од годинава, која имаше четири продолжени празнични викенди.

Првиот продолжен викенд ќе биде за Божик, зашто неработен ден е 7 јануари, понеделник. Слична е ситуацијата и со христијанскиот празник Велигден, кој в година како неработен е на 29 април, понеделник. Неработниот ден за 24 Мај – „Св. Кирил и Методиј“, Ден на сесловенските просветители, е во петок, така што граѓаните ќе одмораат уште еден продолжен викенд. Продолжен викенд има и за Денот на Републиката – 2 Август, кој е во петок, како и за Денот на независноста – 8 Септември, кој е во недела, но неработниот ден се префрла за 9 септември.

Денот на народното востание – 11 Октомври е уште еден неработен ден што се врзува со викенд, бидејќи е во петок, додека 8 Декември – „Св. Климент Охридски” е во недела, а неработниот ден се префрла за понеделник, 9 декември.