Иако беше најавено, внукот на Мајка Тереза не успеа лично да му го даде подарокот на папата

ИЗВОРСкопје24
|

Внукот на Мајка Тереза, скопјанецот Алојз Гомбар и неговата ќерка имаа кратка средба со папата Франциск во Спомен куќата на светицата на улица „Македонија“.

– Овој ден беше многу радосен за мене. Се видов со папата и срдечно се поздравивме и се бакнавме. Тој единствено мене и на ќерка ми ни подари молитвеник со крвче на животот, ставени во плишани кутивчиња во црвена и во бела боја. Пресреќни сме – изјави Гомбар за весникот „Вечер“.

Според протоколот, Гомбар требаше на папата да му го даде личниот подарок што му го спреми. Станува збор за уметничко дело што го направил ликовен уметник од Скопје и на него е претставен чинот на пресветата причест. Насликана е Светата книга врз која е напишано God bless you (Господ нека ве благослови). До книгата е насликан калежот, тоа е чашата за причесна полна со црвено вино. Тука е и ликот на Мајка Тереза која ја држи хостијата и од каде излегува Исус. Од левата страна е насликано шише со црвено вино кое ја симболизира крвта на Исус и е симбол на животот и на христијанската вера. Ова уметничко дело е ставено во дрвена рамка, а на долната страна од рамката е втисната месингана плочка на која е изгравирана посветата до папата Франциск од „внукот на Мајка Тереза, Алојз Гомбар“.

– Меѓутоа, подарокот не успеав да му го дадам, бидејќи обезбедувањето не ми дозволи да го внесам. Ми рекоа да им го оставам и дека тие потоа ќе го однеле во црква и ќе му го предале – рече Гомбар.