Актерот Игор Џамбазов имал само 11 дена кога се случил катастрофалниот земјотрес во Скопје, на 26 јули во 1963 година. Неговиот татко, маестро Александар Џамбазов се сеќава дека, ако не била неговата бебешка вознемиреност која ги предупредила, ни Игор ни семејството можеби немало да го преживеат тој кобен ден. Лани на годишнината од скопската трагедија, музичката легенда ги сподели своите спомени за „Женски магазин“.
„ Мојата сопруга Анче беше млада мајка, имаше само 21 година кога го роди Игор. Живеевме на улицата Никола Парапунов, сегашен булевар Климент Охридски. Целата наша улица беше како едно семејство. Тој 26 јули, пред 55 години, Игор немаше ни две недели. Беше во својата колевка, се разбуди околу 5 часот наутро и почна многу силно да плаче. Се сеќавам како сега кога Анче ми рече: Гладен е, ќе го земам да го надојам. Јас и одговорив да почека уште половина час, да ги следи советите на докторите кога треба бебето да се храни. Но, таа не ме слушаше. Игор плачеше повеќе од вообичаено, и сега си велам дека е вистината онаа изрека дека малите деца и бебињата како да ги пречуствуваат нештата. Додека се убедувавме, Анче го зема Игор. Само неколку секунди откако го извади од колевката, почна силно да тресе. Дел од ѕидот на таванот се изрони и големо парче падна токму на неговото креветче. Да не реагираше Анче на време, не сакам ниту да помислам што ќе му се случеше на нашиот син тогаш“, се присети познатиот композитор и диригент.
Со тага во гласот, маестро Џамбаз се сеќава како тој, неговата сопруга, познатата актерка и синот, набрзина излегле од куќата, а сите нивни соседи веќе биле на улица. Имале среќа, вели тој, што куќата не им била сосема срушена, но не била функционална за живеење. Близок роднина успеал со комбе да им пренесе дел од рабоотите во новиот дом, во скопската населба Кисела вода, каде што привремено се сместиле кај роднини.
„ Колку и да ни беа од помош роднините кај кои што се сместивме, тоа не беше решение. Вујкото на Анче живееше во Звечан, близу до Косовска Митровица, и потоа еден период живеевме таму, кај нив. По Косово,бевме во стан спроти стариот театар, а станот во Козле, го добивме нешто подоцна. Таму ни се роди ќерката Тања. Не можам никогаш да заборавам колку во тие моменти меѓу себе си помагавме сите од нашата славна улица. Тој наш братски живот ми беше инспирација во многу песни што ги напишав“, додаде Џамбазов. Во тешките моменти, многу им помогнал неговиот татко и дедо му, легендарниот актер Петре Прличко, таткото на сопругата.
Целиот текст прочитајте го на Женски магазин ТУКА.