Мечкин камен има посебно место во нашата историја и во нашите срца. Токму тука пред 116 години е поставен темелот на македонската државност. Во 1903 година македонскиот народ во Крушево, ја формира првата република во овој дел од Европа. Јасно искажувајќи ја својата воља за независност и самостојност покажавме дека не постои поголема желба од онаа за слобода, па токму поради тоа и овој празник и денес е толку голем и значаен за секој еден од нас.
По кревањето на Илинденското востание, и по ослободувањето на Крушево, 3 август 1903, била воспоставена востаничка власт, организирана врз републиканско-демократски и револуционерни начела, под претседателство на Никола Карев, началник на Горското началство – во*на власт на слободната територија.
Највисок орган на цивилната власт бил Советот на месната револуционерна власт што се состоел од 60 членови. Советот избрал Привремена управа од 6 члена: Вангел Дину (претседател и одговорен за судството), Ѓорѓи Чаче (реквизиција), Теохар Нешков (финасии), Христо Ќуркчиев (градоначалник и одговорен за редот и за безбедноста), Димитар Секулов (прехрана) и Никола Баљу (санитет).
Во текот на своето десетдневно постоење Владата организирала револуционерен суд за кривични и за граѓански предмети, поштенска служба, санитетска служба со болница, леарница за куршуми, производство на востаничка опрема, бил распишан данок и започнало собирање доброволни прилози, извршена е реквизиција на предмети и објекти за потребите на востаничката власт и за одбраната на градот, претпријатијата биле национализирани, биле изработени неколку црешови топчиња, биле преземени мерки за фортификациско утврдување на градот за одбрана. Со декларација (позната како Крушевски манифест) било повикано муслиманското население од околните села да остане мирно.
Крушевскиот манифест напишан е на 6 август, а негов автор е Никола Киров Мајски, иако одредени историски извори како автор го наведуваат Никола Карев. Напишан е на македонски јазик (крушевски дијалект), а потоа, преведен на турски јазик, е испратен во 17 примероци до околните села со чисто или мешано муслиманско население.
Во него околното муслиманско население братски се повикува да ја поддржи и да ја помогне светата борба на сите обесправени во Македонија. Манифестот наидува на добар прием од страна на муслиманското население, а кметот на селото Алданци возвратил со порака во која изразува разбирање за мотивите на востаниците.
Содржината на Крушевскиот манифест
Најнапред, Манифестот ги објаснува мотивите на востаниците:
„Ние, вашите вечни комшии, пријатели и познајници от хубавото Крушево и неговите китни села, без разлика на вера, народност, пол и убежденија, не можејќи веќе да трпиме тиранијата на жедните за крф и гладните за чоечко месо муртати, шчо гледаат и нас и вас да дотерат до нош, и нас и вас да дотераат до питачки стап и нашата мила и богата земја Македонија да заприлегат на пуста пустиња, денеска дигнафне глава и решифне со пушка да се браниме от тие наши и ваши душмани и да добиеме слобода…“
Потоа, ги смирува муслиманите дека востанието не е насочено против обичниот народ, туку против државата и нејзините експоненти:
„…Ние не дигнафне пушка протиф вас – това би било страм за нас; ние не дигнафне пушка протиф мирнио, трудољубивио и чеснио турски нарот, шчо се прерануат, како нас со крваф пот – тој јет наш брат и со него сне живејале и пак сакаме да живејме; ние не излегофне да колиме и да грабиме, да палиме и да крадиме – доста ни сет зулумите на безбројните деребеи по нашата сирота и окрвавена Македонија; ние не излегофне да порисјанчуваме и да бесчестиме вашите мјаки и сестри, жени и ќерки; требит да знајте оти вашио имот, вашио живот, вашата вера и вашата чес ни сет толку скапи, колку шчо ни сет скапи нашите…“
Потоа, Манифестот ги повикува да им се придружат на востаниците поради заедничка борба против социјалниот терор на Отоманската империја.
„Ние не само ве имаме како сфои браќа, туку и ве жаљаме како сфои браќа, бидејќи разбираме оти и вие сте робје како нас, робје на царо и на царските бегој, ефендии и паши, робје на богатите и на силните, робје на насилниците и на зулумќарите, шчо ја запалија царшчината од четирите страни и шчо не натераа нас да дигниме глава за право, за слобода и за чоечки живот. За право, за слобода и за чоечки живот ве каниме и вас да дојдите заедно да водиме борба!“
Со ова, Манифестот ги презентира социјалните цели на востанието – воспоставување на поправедно општество. Покрај тоа, манифестот ги смирува муслиманите (Турци, Арнаути и други) дека и доколку не се приклучат кон востанието, нема да бидат мета на востаниците и ги повикува барем да не се придружуваат на спротивната страна, ако веќе не се приклучуваат кон востаниците:
„…Ако и вие нe имате како ваши браќа и ни сакате доброто, ако есапите пак да живејте со нас, како шчо сте живејале досега и ако сте верни и достојни синој на мајка Македонија, можите да ни поможите само со едно нешчо – а тоа јет голема помшт. да не се заортачите со душманите, да не дојдите со пушка протиф нас и да не прајте зулуми по рисјанските села!“
Конечно, Манифестот има и силно изразена патриотска линија, која се однесува на ослободувањето и самостојноста на Македонија: „…нашата мила и богата земја Македонија…“, „…бајрако на Афтономна Македонија…“, „…чесни и добри македонски синој…“, а завршува со зборовите:
„Ура! За Афтономна Македонија!“
Иако Крушевската Република траеше само десет дена, Илинденското востание останува пример за македонската борбеност и непокот, па во чест на сите оние востаници кои го загубиле животот на Мечкин камен е поставен споменик кој претставува востаник со високо подигната камен карпа над главата, кој го претставува последниот очајнички миг во борбата на востаниците од одредот на легендарниот војвода Питу Гули, кои ги дале своите животи при одбраната на Крушевската Република. Легендарниот „Мечкин Камен” претставува епопеја сам за себе.