Биохакерот Дејв Еспри од Канада изградил свој мултимилионерски бренд “Bulletproof Coffee” поради својата потрага по долговечноста, која досега го чинела еден милион долари.
45-годишниот Еспри сега е официјално во својата категорија на “млади возрасни личности” бидејќи неговата цел е да живее 180 години.
Тој нема медицинска диплома, а во биохакирањето “влегол” случајно. За време на студиите, Дејв тежел 135 килограми и пател од разни здравствени проблеми, од хронично воспаление на грлото до пореметување во концентрацијата. Започнал да вежба по 90 минути дневно и да внесува помалку калории, но неговата тежина не се намалувала. Затоа, Еспри одлучил да започне да експериментира на себеси.
Неодамна во клиниката во Парк Сити, Јута, тој бил подложен на “најинтензивниот третман со матични клетки кој некогаш бил направен на една личност”. Ваквиот процес опфаќал вбризгување на половина литро од неговата коскена срж од колковите во секој зглоб на неговото тело. На крајот, матичните клетки биле вбризгани во неговиот рбетен мозок.
Преостанатите матични клетки му биле вбризгани во неговиот скалп за да има побујна коса, во лицето – за да се “испеглаат” неговите брчки, па дури и во половиот орган. Ваквата скапа и инвазивна процедура посебно шокира бидејќи Еспри е здравствено добар. Сѐ е во ред со неговото здравје, освен тоа што тој старее како и секое човечко суштество, но тоа не е дел од неговиот план.
Дејв Еспри не сака да биде просечен. Тој ѝ стана познат на јавноста кога објави дека очекува до живее до својата 180-та година. Дотогаш планира да ги вбризгува своите матични клетки во телото на секои шест месеци, да зема 100 суплементи дневно, да се држи до одредена строга диета, да се капе во инфрацрвено светло и да носи очила со жолти стакла секогаш кога лета со авион.
Досега на хакирање на сопствената биологија потрошил најмалку еден милион долари, а за да остане жив до 2153 година сигурно ќе му бидат потребни уште неколку милиони.
Освен што поседува компанија за кафе, Дејв е и гуру за животен стил. Тој во текот на изминатите децении објавил пет книги на теми како плодност и остварување на животните цели. Еспри постојано ги споделува своите мислења на тема секс или здрав сон (шест часа е добро, но осум се премногу). Смета дека треба да се посети фестивалот “Burning Man” бидејќи ја поттикнува креативноста и да се исфрли кељот од исхраната бидејќи содржи траги на оксална киселина.
Сите овие совети спаѓаат во генерална категорија на биохакирање, која Еспри ја дефинира како “употреба на наука, биологија и самоекспериментирање поради преземање на контрола и подобрување на своето тело, ум и живот”.
“Тоа е уметност и наука за станување суперчовек”, вели тој.
Биохакерот сонува за свет во кои луѓето, наместо да се свртуваат кон разни медицински експерти и фармацевтски компании водени од профит, сами да станат експерти за сопственото тело и по желба да експериментираат со него. Но, ваквото самоекспериментирање има и свои ризици – Еспри еднаш заспал опкружен со пакувања мраз и се разбудил со смрзнатини на 15 отсто од телото и поминал долго време изложен на инфрацрвено светло за да учи побрзо, а потоа со часови имал проблеми со говорот.
Некои негови поекстремни интервенции, како вбризгување на матични клетки во мозокот, не се поддржани од страна на медицината особено доколку се практикуваат кај здравите лица.
На Дејв во 2016 година му бил дијагностициран рак на простатата, кога развил план кој опфатил и конвенционална и алтернативна терапија. Болеста се повлекла, а тој покренал сајт на кој пишувал за тоа како го победил ракот. Меѓутоа, пред неколку месеци, ракот пак се вратил, овој пат зафаќајќи го неговиот мочен меур. Еспри започнал нов протокол на третман со оптимизам.
Неколку дена по прославата на својот 45-ти роденден, гледал на стареењето многу попозитивно.
“Вака гледам на работите – досега поминав 25 отсто од својот пат до својата минимална цел (да доживеам 180 години). Официјално сум млада возрасна личност. Дали долговечноста е вид на супермоќ? Да. Иако можеби ќе умрам обидувајќи се”, заклучил биохакерот.