Апасиев вози стара Алфа ама има нов стан, Муцунски вози Ауди од 30.000 евра – еве со каков имот располагаат дел од новите пратеници

|

ДКСК ја објави пријавената имотна состојба на новопечените пратеници во Собранието од кои некои за прв пат стануваат функционери. Ви пренесуваме за дел од нив, кои досега поднесоа анкетни листови.

Пратениците на Левица кои изјавија дека нема да користат патни трошоци, и на кои ова им е прва државна функција располагаат со следниот имот:

Димитар Апасиев, лидерот на Левица, се подновил со стан од 65.000 евра во 2017 од 60 метри квадратни во Скопје. Тој има и кредит во банка од 3 и пол милиони денари подигнат во 2016, според Анкетниот лист кој го пријавил во ДКСК. Според податоците поднесени од него во Антикорупциска, автомобилот алфа ромео е на неговиот брачен другар, произведен во 2007, и вреди 155.000 денари.

Борислав Крмов, вториот пратеник од Левица во македонското Собрание, во Анкетниот лист како сопственост единствено пријавил стан во Штип од 65 метри квадратни купен во 2015 за кој внел дека вреди два милиони денари.

Од пратеницитет од ВМРО – ДПМНЕ, професорот Тимчо Муцунски, секретарот за надворешна политика на ВМРО-ДПМНЕ, вози Ауди Q2 кое си го купил во 2018 а истото вреди скоро 30.000 евра. Професорот ова возило го пријавил како заеднички имот.

Професорката Гордана Силјановска-Давкова пријавила депозити во банка, од кои едниот е 55 илјади евра а другиот 3 и пол илјади долари, како и 11 и пол илјади евра на девизна сметка.

Од пратениците на СДСМ, Марија Костадинова, доскорешна директорка на основно училиште во Миравци, пријавила имот на фирма во вредност од 19 милиони денари во Гевгелија.

Лолита Ристова од Неготино располага со деловен простор во својот град од речиси 2 и пол милиони денари. А Марија Ангелова од Чаир од личен имот бавела дека има само девизен депозит од 5800 евра.

Лазе Таневски, пратеник на СДСМ, кој доаѓа од бизнисот, заедно со својот брачен другар поседуваат пет стана, од кои три во Охрид и два во Скопје. Вкупната вредност на становите изнесува 15,3 милиони денари. Покрај становите овој бизнисмен има и  земјоделско земјиште од 14 милиони денари во охридско Арбиново како наследство.

Моника Зајкова од ЛДП како сопственост пријавила автомобил поло од 250 илјади денари, како и долгорочен кредит од 3,69 милиони денари, а интересно е и тоа што  пријавила златен накит на нејзините родители од 12 илјади евра.

Артина Ќазими, која има 23 години е најмладот пратеник. Таа доаѓа од редовите на коалицијата Алијана за Албанците и Алтернатива. Како свој личен имот има куќа и двор во вредност од 19,1 милиони денари во Добридол.