Исчезнатите Пино Секондо и Арбен Аслан биле барани во Смилковското езеро

ИЗВОРСкопје24
|

Семејствата на Пино Секондо и Арбен Аслан кои веќе неколку месеци се водат за исчезнати на денешниот протест потврдија дека пред неколку недели специјалци нуркале во Смилковско езеро и ги барале, што е единствената информација која родителите ја добиле по исчезнувањето на нивните синови.

„Пред три недели, се бараа децата во Смилковско езеро. Јас кажав дека тоа е непотребно трошење пари на државата оти знам дека мојот син не е таму. Инспекторот Драган Лазаров не е тука, земал слободни денови. Надлежниот на Службата за исчезнати лица е на одмор. Сега ќе чекаме тие да се вратат, па да видиме дали ќе ги најдат децата. Прегледани се снимките, нема ништо од нив. Овде некој нешто крие. Фирмата каде работи, соработува со други фирми. Се сомневам дека исчезнувањето има врска со син ми, за да се изврши притисок врз фирмата во која работи. Тој во фирмата работи на прибирање понуди и логистика“, вели Маја Трпковска, мајка на исчезнатиот Пино Секондо.

Бекир Аслан, кој е татко на исчезнатиот Арбен Аслан, изјави дека не им јавиле за да им ги кажат информациите по пребарувањето во Смилковско езеро.

„Син ми заминал со туѓо возило. Има само снимка кога влегува во автомобилот. Два месеци работат на таа снимка зашто е темна, но ништо не направија. Заминик-министерот Нухиу рече дека има снимки, а секторот за исчезнати лица вели дека ги нема. Инспекторот во пензија со сила го терав да работи, му кажував што да прави, а што направил не знам. Новиот инспектор, Лазаревски сега контактира со нас скоро секој ден. Се сомневам дека е ликвидиран. Тоа се гласини кои сега ги слушам. Го повикувам МВР да не штити никого. Листинзите од телефоните се половина празни. Телефонот на син ми според листинзите е најден со сигнал кај Јане Сандански во Аеродром. Последена активност на телефонот му била во 22 часот”, вели Аслан.