Американката Ешли Самерс починала откако испила околу 2 литри вода за само 20 минути. Оваа мајка на две деца доживеала таканаречено труење со вода, пренесува британски „Дејли мејл“(Dailymail).
Во моментот на немилиот настан таа била на семеен одмор, а последниот ден се пожалила на вртоглавица и главоболка кои се симптоми на дехидрација. Меѓутоа, колку и да испила, не можела да ја задоволи жедта. За да си помогне, жената речиси одеднаш испила два литри вода.
Кога Самерс се вратила дома следниот ден, паднала во својата гаража и никогаш не се освестила. Во болницата лекарите откриле дека има огромен оток на мозокот предизвикан од труење со вода. Оваа состојба се нарекува и хипонатремија, а првенствено се јавува поради премногу вода во телото, а премалку натриум.
„Не можевме да поверуваме кога слушнавме што ѝ се случи, бевме во шок. Никогаш не мислев дека вакви работи се воопшто возможни. Знам само дека таа ни кажа дека се чувствува како да не може да пие доволно вода. За само 20 минути испила четири големи шишиња вода“, вели нејзиниот брат.
Труењето со вода или хипонатремија е опасна состојба која се јавува кога човек пие прекумерно количество вода во прекраток временски интервал, при што сложените органски системи на телото, првенствено бубрезите, не можат да го регулираат балансот на вода и електролити.